Техничка поддршка
за граѓанските организации

Систем за обезбедување на квалитет

Иако поимот управување со квалитет можеби звучи како новитет, сепак тоа не е така.Неговите корени потекнуваат уште од времето на Првата светска војна, кога се поттикна масовното производство и како резултат на тоа се појави потреба за контрола на квалитетот. Сепак, концептот почна посериозно да се развива во Северна Америка и Јапонија дури после 1950 год. Јапонските компании ги обучуваа своите работници да бидат сигурни дека квалитетот ќе стане составен дел на рутината во текот на процесот на производство, наместо да се прави контрола на квалитетот на крајот на процесот. Иако примената на системите за осигурување на квалитет е најчеста во трговијата, таа се прошири и во индустријата на услуги, каде е вклучено и работењето на граѓанските организации.

Системот за осигурување и управување со квалитет налага воведување на стандардни и транспарентни оперативни процедури кои се креирани да придонесат за остварување на одредени цели и исполнување на мисијата на организацијата, вклучувајќи ги и граѓанските организации. Затоа воведувањето на системи за управување со квалитетот треба да се смета за основа и прв сериозен чекор кон промоција, воспоставувањеи понатамошен развој на инфраструктурата за квалитет во рамки на граѓанските организации (ГО).

ГО имаат за цел да обезбедат најдобри можни услуги за своите корисници и другите заинтересирани страни. Бидејќи граѓанските организации во голема мера се вклучуваат во соработка со јавниот и приватниот сектор, од нив сè почесто се очекува да покажат дека обезбедуваат квалитетни услуги и дека ефективно и ефикасно управуваат со своите организации, честопати во тешки и предизвикувачки околности.

Покрај тоа, повеќето организации се соочуваат со силна конкуренција од други организации кои обезбедуваат слични услуги. Тие може да се натпреваруваат со нив за грантови, договори или клиенти. Посветеноста на квалитетот е важен начин на кој организацијата може да се подготви себеси за да се натпреварува со своите ривали.

Граѓанската организација која е заинтересирана да ја оствари својата мисија на посветен начин мора да обезбеди добри услуги за своите клиенти, а истовремено, да покаже професионализам, транспарентност и добро и рационално управување со своите ресурси при своите комуникации со своите донатори. Понекогаш дури и организациите кои обезбедуваат добри услуги за своите клиенти мора да работат многу напорно за да го докажат тоа на другите.

Високо квалитетна ГО е организација која обезбедува низа разновидни услуги во зависност од потребите на заинтересираните страни, преку ефективно и ефикасно управување со своите процеси со намера да ги оствари договорените и посакуваните резултати. Краткиот водич за ГО има за  цел ГО да ги подобрат своите сопствени внатрешни системи и нивното севкупно организациско работење. Тој се базира на барањата на ISO 9001:2008 и обезбедува основни насоки за самооценување на различни области на работењето. Овој документ не е доволен за воведување на системи за квалитет, но тој претставува корисна литература за секоја организација која планира да го подобри своето работење.

 

ISO 9001:2008

ISO 9001:2008 има за цел да гарантира ефективност (но не задолжително и ефикасност) на организацијата. Стандардот е применлив на сите видови на организации.

Усвојувањето на системот за управување со квалитет треба да претставува стратешка одлука на организацијата.

Креирањето и спроведувањето на системот за управување со квалитет на организацијата е под влијание на:

  • Нејзиното организациско опкружување, промените во тоа опкружување и ризиците поврзани со тоа опкружување;
  • Нејзините различни потреби;
  • Нејзините посебни цели;
  • Продуктите коишто таа ги обезбедува;
  • Процесите кои ги применува;
  • Нејзината големина и организациска структура.

Намерата на овој стандард не е да се примени униформност во структурата на системите за управување со квалитет или униформност во документацијата. Тој е доволно флексибилен за да ѝ овозможи на секоја организација да развие своја сопствена документација и правила како одговор на стандардните барања.

Методологијата која е позната како PDCA (Планирајте-Направете-Проверете-Делувајте) може да се примени за сите процеси. Таа е повторлив метод за управување во четири чекори кој се користи кај бизнисите за контрола и континуирано подобрување на процесите и производите. Таа е исто позната како Деминг круг/циклус.

Повеќе информации за системите за осигурување на квалитет ќе најдете во Краткиот водич за ГО, изработен од страна на ТАКСО